Веќе се поизвесно: Натпреварот Македонија – Косово без публика!

10

Бараж-натпреварот од полуфиналниот плејоф во Лигата на нациите меѓу Македонија и Косово на 26. март на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје, сосема извесно ќе се игра без публика, иако се уште за тоа нема официјална одлука.

Комисијата за заразни болести денеска донесе препораки до Владата на РСМ, барајќи сите спортски настани во следните две недели да се одвиваат без присуство на публика, додека сите останати масовни собири на отворено и затворено да бидат забранети. По оваа препорака која се очекува само да биде прифатена од Владата, јасно е дека периодот на одлука за натпревари без публика ќе биде безмалку до 26. март.

„Се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на РСМ, а спортските настани да се одвиваат без публика“ – се вели во препораката од Комисијата за заразни болести доставена до Владата на РСМ.

И во Фудбалската федерација на Македонија се подготвени за одлука за натпревар без публика, без разлика на тоа колку тоа е болно во желбата за пласман на ЕП 2020. Но, од ФФМ нагласуваат дека ќе мора да се почитуваат сите препораки и одлуки од Министерството за здравство и Владата на РСМ.