Вирусот не бира по пол и род, но жените се први на удар

11

Повеќе невладини организации во чиј фокус се жените и нивните права го делат истото мислење, дека жените се поподложни на заразата од корона вирусот од мажите,но ако се гледа од аспект на професии. Како највисоко ризични ги сметаат се разбира здравствените работнички кои беа во првите борбени редови, текстилните работнички и продавачките. Додека најголем дел од останатите можеа да бираат да работат и од дома, овие три групи мораа да останат на своите работни места

Редаксиа КОХА

Инфектологот од велешката болница докторката Славица Трајкова беше во првата група лекари кои доброволно се пријави да оди и да лекува пациенти во Дебар, градот кој прв беше ставен во карантин поради појавата на Ковид 19. Додека многумина нејзини колеги размислуваа дали да се решат на ваков чекор кој значеше дека ќе се соочат со непредвидливиот вирус, таа вели дека воопшто и не размислувала за ризикот туку напротив на она што може да го стори за пациентите.

„ Доколку мене ме служи здравјето, и доколку има слична состојба како таа повторно ќе одберам да бидам во првите борбени линии како што тоа го направив и во Дебар. Ќе дадам сè од себе и ќе се вложам стручно, одговорно и професионално  согласно мојата специјалност како инфектолог. И без разлика што сум жена се разбира не се плашам од предизвици!, вели д-р Трајкова.

Според научните истражувања ризикот за професионална изложеност на здравствените работници наСАРС-КоВ-2 може да се утврди според веројатноста од директен, индиректен или близок контакт со лице заразено со вирусот. Ова опфаќа директен физички контакт или нега, контакт со контаминирани површини и предмети, постапки што создаваат аеросоли на пациенти со КОВИД-19 без соодветна лична заштита или работа со заразени лица во затворени, преполни места со несоодветна вентилација.Според последните достапни податоци, во секторот здравство до 2019 та година се вработени 20 618 луѓе од кои 14 926 или 72,39% се жени додека 5692 или 27,61% се мажи. Ова значи дека дури три пати повеќе жени работеле со пациенти во време на корона од мажи.

ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ЗДРАВСТВО:

Година 2019: Жени: 14.926или 72,39%    

Мажи: 5.692  или 27,61%        

Вкупно: 20.618

И според невладината организација ЕСЕМ поголем е бројот на здравствени работнички жени, отколку здравствени работници мажи, па оттука може да се заклучи дека сите проблеми со кои се соочија здравствените работници во поголем дел беа засегнати жените. Од таму во групата ризични ги ставаат и матичните лекари и медицински сестри кои работат кај нив.

„Тие се соочија со сериозни проблеми да набават лична заштитна опрема, особено во првите месеци од пандемијата. Во тој период постоеше недостиг од маски, ракавици и гелови, а матичните лекари беа оставени сами на себе да ја набавуваат оваа опрема, секој поединечно. Поради неможноста навремено да набават квалитетна заштитна опрема, матичните лекари и медицинските сестри беа изложени на зголемен ризик, особено  во првите месеци од пандемијата. Матичните лекари се чувствуват обесправени од страна на државата, бидејќи државата за цело време обезбедува лична заштитна опрема за медицинскиот персонал во ЈЗУ, додека матичните лекари иако се дел од здравствениот систем речиси воопшто не добиле лична заштитна опрема. Воедно државата не само што не им помогнала финансиски, туку не им обезбедила никаква логистичка поддршка да можат да набават лична заштитна опрема и на свој трошок“, вели Дарко Антиќ, ЕСЕМ.

Од Министерството за здравство пак не даваат конкретни податоци ниту одговори за тоа колку здравствени работници кои беа во ковид центрите, но и во примарното здравство се жени а колку мажи. Велат дека сите имале ист третман без разлика на полот. Во време на ковид пандемија здравствениот систем беше организиран и подготвен за целосно амортизирање на напливот на пациенти преку мобилизација и организација на сите расположливи ресурси во земјата.

Д-р Славица Трајкова: Повторно би избрала да сум прва, како што тоа го сторив за Дебар

„На инфективните одделенија и клиниките каде се лекуваа пациенти со ковид, преку систем на ротација беше ангажиран целокупниот здравствен персонал кој обезбеди прием и добро лекување на сите пациенти кои имаа потреба од тоа. Забраната за користење годишен одмор во ковид панедемијата беше одлука која подеднакво важеше за сите здравствени работници, а од правото на користење на мерката за бремени жени не беа изземени здравствените работнички“, велат од Министерството за здравство.

Инаку од почетокот на ковид пандемијата до сега има починато 36 здравствени работници со ковид. И покрај тоа што беа први на удар, луѓето како Трајкова својата задача ја прифаќаат како општествено одговорна, храбра, упорна и истрајна.

„Тоа сме ние, луѓето во скафандери кои приватниот живот го ставивме во служба на професионалниот! Некој ќе праша:До кога? Не знам до кога ќе трае, но едно знам:Ќе издржиме!, вели Трајкова.

ЖЕНИТЕ СООЧЕНИ СО ОТКАЗИ ВО КОРОНА КРИЗАТА, НАЈМНОГУ ТРПЕА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ

Кластерот текстилни работнички беше еден од најголемите во време на најголемиот пик на корона пандемијата. Ковид 19 вирусот со голема брзина се ширеше меѓу вработените во фабричките хали, десетци вработени ги изгубија животите, но ги погоди уште еден вирус. Отказите. И во овој сектор конкретни бројќи за тоа каков е соодносот меѓу половите нема, но факт е дека најголем број се жени. Според податоците на Здружението за истражување и анализи  во текстилниот сектор во 2020 година без работа останале 6.783. Но, она што загрижува е дека трендот на отпуштања продолжи и годинава.

„Зголемениот број на невработени од оваа индустија, покажува дека текстилната индустрија има потреба од трансформирање и дополнителна поддршка и од државата, но и од целиот систем, со цел да бидеме по конкурентни, имајќи предвид дека нашата тесктилна индустрија работи и е зависна од нарачките од странство, вели Виктор Митевски, ЗМАИ.

Текстилството вработува над 30.000 илјади луѓе во држвата, а во вкупниот извоз учествува со 10 проценти. Од од здружението Гласе нтекстилец велат дека не само текстилните работнички, туку најголеми жртви во оваа криза беа и бремените жени, хронично болните, мајките на деца до 10 годишна возраст кои беа опфатени со мерките, а кои се соочија со откази поради наводно кршење на ред и дисциплина, спогодбени откази и не продолжување на договорите за работа.

„Државата можеше и мораше да направи координација за одговор на сите злоупотреби со работничките права, плати, право на здравствено осигурување, право на зголемен надомест во случај на привремена невработеност и сите да имаат право на тој надомест без оглед на вид на отказ.  За бремените жени – работнички кои ја изгубија работата да дозволи минимално платено породилно отсуство“, вели Кристина Ампева, Гласен Текстилец.

ЕСЕМ пак направи истражување за влијанието на корона крзиата врз жените и според нивните податоци во 16 од вкупно 25 дејности во кои работеле жените во 2020 има намалување на број на вработени. Од вкупно 421 испитани жени, кај 55 статусот на вработување е променет, односно тие добиле отказ. Но, најголеми промени се забележуваат кај оние жени што се вработени на договор на определено време, договор на дело или пак вработени за сопствена сметка.

ВРАБОТЕНИ ЖЕНИ КОИ ЈА ИЗГУБИЛЕ РАБОТАТА:

Со договор на помалку од 12 месеци:   52 %.

Со договор на 12 месеци или подолго:  39 %

На нопределено време: 9%

Зголемување на број на жени кои се неплатени семејни работнички: 33 %

Бројот на жени што имале потреба од државна помош за време на пандемијата е за 100 % зголемен во однос на оној пред нејзиниот почеток. Но поради лошата состојба со која се соочиле домаќинствата, нивната помош ја користеле и други членови во домаќинствата каде што тие живеат. Според истражувањата најголем број од жените користеле финансиска помош за набавка на производи и за туризам. Постојат и жени што аплицирале за одреден вид на помош и поддршка, но таа не ја оствариле. Податоците на Министерството за труд и социјала пак кажуваат дека со шесте пакети на економски мерки кои ги донесе државата се спасени 80 илјади работни места. Според министерството оперативниот план за вработвање во 2021 година предвидува работниците кои ги изгубиле работните места во периодот на пандемијата да имаат приоритет при користење на различните мерки за вработување.

„За прв пат оваа година, во Оперативниот план се предвидени три принципи, според кои приоритет се дава на лицата кои ја изгубиле работата поради пандемијата со Ковид-19, потоа принципот на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.Посебно внимание се посветува на долгорочно невработени лица, ранливите групи, Ромите, жените и младите невработени лица, како и невработени лица на кои им престанал работниот однос поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19“, велат од министерството за труд и социјална политика.

Според министерството со последната мерка за субвенционирање на плати, се обезбедени 100 милиони денариза да се опфатат и невработените. Особено внимание велат ќе се посвети на вработените во текстилната индустрија.Со ова предвидувањата се дека од 866 луѓе кои биле опфатени со оваа мерка сега нивниот број ќе се зголеми на 1.304. На тој начин, вкупниот опфат на невработени лица со оперативниот план ќе се зголеми од 10.279 на 10.717 луѓе.

НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ВО КАРАНТИН, НАМЕСТО ПОМОШ ДОБИВАА ВАУЧЕРИ ЗА ТУРИЗАМ

Во карантин заедно со насилникот, со часови и денови без можност да се побегне од дома. Вака може да се опише состојбата на една жена жртва на семејно насилство во време кога важеа мерките донесени во вонредната состојба со кои имаше долготрајни забрани за движење надвор. Невладините организации кои се занимаваат со заштита на правата на жената како што се ХЕРА и ЕСЕ нотираа дека во такви услови покрај вообичаените проблеми поврзани со семејното насилство, како што се разводот и старателството врз децата,жените кои претрпеле семејно насилство се соочија и со специфични проблеми како што се психолошко и економско насилство, се одложува судските постапки,  на барањата на жртвите, истрагите на полицијата не беа ефективни. Според Националната мрежа за борба против насилство врз жените, во време на вонредната состојба се зголеми интензитетот на насилството, а во средините во кои имало потенцијал за насилство, спроведувањето на мерките со ограничување на движењето и карантин, биле катализатор за реализација на насилството. Ограничениот капацитет за работа на центрите за социјална работа и одлагањето на судските рочишта во предметите поврзани со семејното насилство, придонесоа за намален број на клиенти кои се обратиле за помош и поддршка.

„Меѓуопштинскиот центар за социјална работа функционираше преку дежурен телефон, а барањата за остварување на правата на граѓаните се поднесуваа преку електронска пошта. Овој начин на комуникација го ограничува пристапот до правда за луѓето кои немаат компјутер и интернет и не знаат да користат електронски уреди. Неефикасното постапување на полицијата во случаи на семејно насилство продолжи и за време на вонредната состојба. Имено, во неколку наврати документирани се случаи на семејно насилство пријавени од страна на жртвата, а по посетата од страна на полицијата, жртвата е оставена дома со насилникот, а случајот е заведен како поплака„, велат од невладината Хера.

Ова се потврдува и преку податоци од Министерството за внатрешни работи од вториот квартал на 2020 година, кога имаше и најмногу денови во кои беше ограничено движењето поради мерката карантин. Имено, во периодот од април до јуни 2020 година во Министерството за внатрешни работи евидентирани се вкупно 985 поплаки, што е за 34 % повеќе во споредба со 2019, или за 50 % повеќе во однос на истиот период во 2018 година. Ваквата состојба е евидентирана и потврдена со изјавата на Министерот за внатрешни работи според што бројот на пријавите за семејното насилство за месеците Април и Мај 2020 година се зголемил за 44,6% во споредба со истиот временски период од минатат година.

„Значајно е да се напомене дека државата не успеа да обезбеди навремена и соодветна  институционална заштита  на жртвите на  семејно насилство од причина што првенствено донесените итни владини мерки за  превенција и заштита од ширење на вирусот КОВИД -19 ги оневозможи жените за пристап до заштита од семејно насилство. Поради неадекватните владини мерки за ранливите категории на граѓани, реагираа повеќе невладини организации директно со писмени дописи до владата.Државата иако спроведе нови или ги промени мерките во насока на олеснување на жртвите до пристапот  за пријава и заштита од семејно насилство, сепак податоците покажуваат дека ваквиот пропуст има непоправливи последици кај жените како што беа загуба на работата и запаѓање во сиромаштија проследено со зголемено сексуално, психичко и физичко насилство“, вели Дарко Антиќ, ЕСЕМ.

Од Министерството за труд и социјална политика за она што се случуваше токму во најризичниот период немаат објаснување. Но велат дека за спречувањето на насилство врз жените и семејното насилство, во јануари 2021 година е усвоен новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, а во изминатиов период интензивно се работеше на негова целосна имплементација, кој целосно е во согласност со Истанбулската конвенција на Советот на Европа, којашто ја ратификуваше Република Северна Македонија.

„Особено значајни во борбата за поголема поддршка на жените жртви на насилство е и воспоставувањето на 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство во 6 плански региони,  три кризни Центри за жртви на сексуално насилство, 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и осум нови специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Невладините апелираат во иднина да се направи анализа за реалните потреби на жените кои трпат насилство во семејството за да не се случи да се повтори примерот во кој наместо да добијат помош за згрижување и економско осамостојување, добиваат ваучер за туризам кој немаат како и кога да го искористат.

Овој текст е изработен како заеднички проект помеѓу Vijesti.me од Црна Гора и весникот “Коха” од Македонија