Владата го најавува петтиот пакет на економски мерки во 2021

19

Новиот пакет на економски мерки за граѓаните и компаниите за справување со последиците од корона кризата е најавен за наредна годината, според најавите кои доаѓаат од Владата. Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на вчерашната прес-конференција, потврди дека петиот сет ќе биде во слична форма на претходните.

„Со петтиот пакет ќе се постапува највнимателно, со цел да се таргетираат оние кои се најпогодени од кризата, како компаниите, така и граѓаните. Така беше и во текот на оваа година“, изјави Арсовски.

Премиерот Зоран Заев претходно рече дека во буџетот за 2021 има проектирано средства за државна помош и дека она што ќе биде консултација со коморите, синдикатите и сите чинители како и до сега, ќе го дизајнира и петтиот пакет на економски мерки.

„Нови пакет мерки ќе има, кризата ќе опстојува најмалку до првиот квартал. Доколку коморите сметаат дека мерката за субвенционирање на плати е добра ние ќе ја поддржиме, дополнително доколку сметаат дека други видови на мерки за нив се подобри и се поважни ќе ги разгледаме. Нашите очекувања се дека првото полугодие од следната година ќе биде и излез од оваа криза генерално и затоа е важно да се дискутира. Владата ќе развие нови пакети врз основа на социјален дијалог во кој се вклучени и компаниите и работниците преку синдикатите. До сега имаме разбирање, за одредени случаи и ние нудиме административна помош сé со цел компаниите да ги искористат средствата за плати за работници и работни места“, рече Заев.

Од Владата велат дека до сега се поддрани над 30 отсто компании со мерката за исплата на плати на работниците од 14.500 до 21.778 денари.