Владата со 400 милиони евра ќе го ублажува ценовниот шок

0

Владата усвои 26 мерки и препораки, поделени во две категории, првата е заштита на животниот стандард на граѓаните, а втората за ликвидност на компаниите. Со мерките треба да им се помогне на граѓаните и на компаниите да се преброди актуелната економска криза предизвикана од нападот на Украина, соопшти премиерот Димитар Ковачевски. Пакетот мерки за помош на граѓаните и компаниите тежи 400 милиони евра.

Основните прехранбени продукти, како леб, брашно, млеко, месо, зејтин, шеќер, ориз и јајца за кои досега имаше ДДВ од пет проценти, сега ќе се продаваат без ДДВ. Се замрзнуваат маржите на основните продукти за исхрана, за, како што вели премерот Димитар Ковачевски, да се спречи профитот и да се ублажи ценовниот шок.

Предвидени се ваучери во вредност од 1000 денари за најранливите категории, со кои ќе може да купуваат основни продукти. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 35 илјади луѓе кои ќе добиваат вакви ваучери три месеци по ред. Премиерот ja спомна и претходно најавената помош за пензионерите од по 3000 денари.

Се укинуваат царинските давачки за увоз на основни продукти. Ќе се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Предвидено е и намалување на акцизата врз основа на берзанските цени. Со намаленото ДДВ и со намалувањето на акцизата малопродажната цена на нафтените деривати ќе се намали за околу 10 денари. Една од мерките е и ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Владата предлага и цената на горивата да се одредува на дневно, наместо на неделно ниво за да се избегне голем скок во цените. За компаниите пак се предвидени подобри услови за кредитирање и за користење на фондови.