Владата спремна за разговори со Бугарија, Заев вели во изборен период не се решаваат чувствителни политички прашања

27

Владиниот тим за евроинтеграции започна со градењето стратегија за адаптирање на активностите во понатамошните разговори и комуникација за надминување на разликите во разговорите со Бугарија и на вчерашниот координативен состанок биле отворени сите прашања со цел да не се изгуби ниту еден ден во време на португалското претседателство со ЕУ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи има големи очекувања и од португалското претседавање со Советот на ЕУ во однос на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Во првичните контакти вели дека била искажана сериозна намера да се продолжи процесот за проширување што остана од германското претседавање со Унијата. Што се однесува до средба со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, Османи вели дека не е договорена, но смета дека би требало да има по повод потребата за одржување на првата меѓувладина конференција што треба да се закаже во првите месеци од годината, и по повод поканата за трилареталната иницијатива.

Подготвени сме да почнеме уште од денеска со комуникација, изјави вчера Османи, додавајќи оти е важно да не се изгуби ниту еден ден за да се фатат наредните рокови за самитите кои доаѓаат за преговори со ЕУ.

„Немаме никаква резерва во однос на тоа прашање, нашите ставови се јасни, има разработени бројни предлози во изминатиот период. Дел од нив се комуницирани со Бугарија и очекувам тие да бидат основа за натамшно продолжување на разговорите. Точно е дека последниот предлог беше од наша страна и на него сѐ уште не сме добиле одговор. Сѐ додека нема иницијални сигнали дека тие предлози од која било страна можат да бидат прифатливи за двете страни и можат да станат основа за договор не би можел да навлезам во детали бидејќи се во фаза на еднострани предлози и идеи“, рече Османи.

Нема оптимизам дека може да се решат отворените прашања со Софија пред парламентарните избори во март во оваа држава. Според премиерот Заев, како изборен период, не е соодветен момент за решавање на политичко чувствителни прашања, но сепак треба да се направат напори одма. Добро е, овој период, до 28 март, смета Заев, да се искористи за спроведување на Акцискиот план и за реализирање на планираните инфраструктурни проекти како преминот Клепало и Коридорот 8.

Можам да ги сфатам ставовите, да разговараме дури и за минатото, истакна вчера претседателот на Владата на Сeверна Македонија и уште еднаш повтори дека не може да го сфати проблемот со Бугарија, затоа што, според него, политичарите треба да ја отвораат иднината.

„Акцискиот план е доставен до Бугарија, чекаме одговор. Тоа се идеи кои може да се дополнат. Акцискиот план произлегува од Договорот за пријателство и е од наш интерес, а целта е поинтензивна соработка“, изјави синоќа Заев во телевизиско гостување. Тој уште додаде дека во оваа насока ќе бидат најавените активности на Бучковски, Османи и Димитров.

Според него, историските прашања треба да ѝ се остават на Комисијата, а идентитетските прашања не смее и нема да бидат на масата за преговори. Тоа, како што вели, го знае и бугарската страна и тука нема дилеми. Во однос на македонскиот јазик, Бугарија може да го издвои своето мислење додека не ги признае официјално и македонскиот јазик и македонскиот народ, иако секој ден премиерот, претседателот на државата и министерот за надворешни работи зборуваат за македонскиот народ и македонскиот јазик.

Очекувањата на шефот на дипломатијата Османи се Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство. Османи најави, а Заев поддржа деновиве да биде испратен дипломат во Португалија, со цел тој да биде во контакт со португалските власти. Истовремено, шефот на дипломатијата најави дека продолжува и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Бугарија.