Влада: Превентивните мерки за коронавирусот дадоа резултат

12

Владата оценува дека мерките што ги презема ги дале очекуваните резултати за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Владата на Северна Македонија ги уверува граѓаните и јавноста дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје, ги постигнаа очекуваните резултати, и дека превенцијата и контролата за да се спречи ширењето на корона вирусот, се остваруваат целосно“,

пишува во владиното соопштение.
Владата ја поздравува одлуката на институциите и организациите на централно и на локално ниво кои одлучија да ја прифатат препораката да се откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година и ги охрабрува сите останати, како и сите граѓани, „да ја почитуваат препораката и со тоа да покажат одговорност и да дадат придонес за спречување на ширењето на коронавирусот“.

Во соопштението се наведува и дека ќе се спроведе во целост задолжението до Пазарната инспекција и до Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да се направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за спречување на пренесувањето на вирусот во аптеките, и доколку се утврди неосновано покачување на цените ќе бидат преземени мерки соодветно за законските прописи и овластувања.