Владимир Панчевски донесен во притвор во Шутка, на 24 јули почнува одлаганото судење против него за злоупотреби

8

Поранешениот претседател на Основниот кривичен суд Владимир Панчевски, денеска во 12 часот е најден од полицијата и донесен во притвор во затворот во Шутка, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Истражниот затвор Есад Рахиќ.

Панчевски е притворен еден ден откако МВР објави потерница по него, по налог на Основниот суд Велес, кој една година не може да го најде и да го седне на обвинителна клупа. Обвинет е за злоупотреби со електронскиот систем на распределба на судски предмети (АКМИС), за време на неговиот мандат како претседател. Според обвинението, дел од предметите, место да ги пушти во АКМИС-от да бидат распределени по електронски пат по случаен избор, тој ги давал на рака на подобни судии.

Судскиот совет Панчевски го разреши во декември лани. Судијката Валентина Ѓорѓиевска на 10 јули му одреди мерка 30 дена притвор заради обезбедување за судење, бидејќи тој не доаѓаше на закажаните рочишта на судскиот процес.

Следното рочиште закажано за овој предмет е за 24 јули, кога се во тек судиските ферии, но бидејќи е притворски предмет ќе се работи и во време на одмор. Овој предмет првото рочиште го имаше закажано лани на 21 октомври, но и во повеќето обиди, тоа не почна.