ВМРО-ДПМНЕ бара нова Специјална комисијата од експерти за заразни болести

18

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се формира нова Комисија за заразни болести, бидејќи сметаат дека зголемениот број на ковид-случаи во земјава е вина на актуелните членови.

„Секој ден е нов пик, вчерашната бројка од 641 заболени е вина на Комисијата, која треба да се замени со нова Специјална комисијата од експерти Власта и Комисијата за заштита од заразни болести немаат никаков кредибилитет и не можат да се справат со корона кризата. Секој четврти тестиран во Македонија е болен од ковид“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие сметаат дека Власта предлага несуштински мерки за борба против пандемијата и велат дека уште од самиот старт во март пристапот е погрешен и политикантски.

„Комисијата за заштита од заразни болести е главниот виновник за високиот број на заразени и починати. Комисијата наместо стручност демострираше политика. Токму затоа е потребно формирање на Специјална комисија која ќе биде составена од професионалци, експерти во своите области кои здравјето и интересот на граѓаните ќе ги стават пред лично партиските интереси на партијата на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.