ВМРО-ДПМНЕ контра Илија Димовски: Ја промашува поентата за пописот

2

ВМРО-ДПМНЕ контра експратеникот Илија Димовски дали партијата го признава или не пописот.

-Секој оној што се занимава со признавање или непризнавање на пописот од политичките партии сметаме дека ја промашува поентата и само прави нова манипулација од политичка гледна точка или можеби нова поделба помеѓу населението. Државниот завод за статистика, според Законот, има обврска да ги објави бројките во Службен весник и тоа ќе биде направено, но начинот на кој се спроведени или обработени податоците и неуспехот да се дефинираат тие 7,2 отсто ги прави бројките некомплетни – изјави Луке Галески директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски во гостување на 24 анализа, но и преку објави на Фејсбук констатира дека пописот е неточен и дека треба нов попис.

Според него, ако некој паметен во светот може да прифати таков попис, тогаш нека повели нека објаснува.

-Пописот е неточен и недоставуваат 405.000 граѓани и дополнително 132.000 граѓани не се изјасниле за својата етичка, јазична и религиска припадност. Вкупно 537 илјади граѓани не се регистрирани. Тоа се 21,48 отсто од вкупниот број жители во земјава. Затоа се такви реакциите на заедниците во Македонија и коалициските партнери на СДСМ. Ќе создаде многу проблеми од денес натаму и од тој аспект мојот став е дека мора да се спроведе нов попис. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен по ова. Ова ќе создаде многу институционални, уставни и управни проблеми за граѓаните на нашата држава – рече Димовски.

Тој на прашање на соговорникот и член на Извршниот одбор на СДСМ Андреј Петров дали за ВМРО-ДПМНЕ пописот е точен и дали го признаваат, на двете прашања одговори „не“.

Димовски во изјава за „Слободен печат“ вели дека негов личен, а не партиски, е дека пописот е неточен и дека треба нов попис.