Водици годинава без традиционалното скокање по крстот

28

За првпат денешниот христијански празник, Водици, се очекува да помине без традиционалното скокање по светиот крст, поради епидемијата со ковид-19.

Наместо тоа, овој голем христијански празник, според најавите, ќе биде одбележан со свети литургии во црквите и нивните дворови.

До минатата година, празникот се одбележуваше во сите епархии во земјава, а централната манифестација се одржуваше во Скопје каде поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан го положуваше светиот крст во водите на реката Вардар. Манифестацијата привлекуваше и голем број туристи во Охрид каде крстот се положуваше во езерото, но и таму годинава тоа нема да се случи.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во пресрет на празникот апелираше до граѓаните и до верските заедници да ги почитуваат мерките и препораките. Полицијата, како што рече, ќе биде на висина на задачата, а оној кој нема да ги почитува препораките, ќе сноси одговорност.

Тој рече дека за време на празникот полицијата ќе биде со зголемени активности, организирани се и со посебни планови за да се спречат собирања, а разговарано е и со МПЦ.

„Јас очекувам дека ќе бидеме на висина на задачата и во утрешниот ден. Секако, тој што нема да почитува ќе сноси одговорност“, нагласи Спасовски.