Волстрит Џурнал: Кризата во Украина ги прави САД господар на пазарот на гас

3

Американскиот извоз на течен природен гас во Европа се зголеми поради ескалацијата на кризата во Украина, објави Волстрит џурнал.

Според авторот на написот Даниел Јергин, растот на производството на нафта и гас во САД се претворил во геополитички и економски актив за земјата, што може да ги измести руските конкуренти од европскиот пазар.

– Додека индустријата за нафта и гас продолжува да закрепнува од пандемискиот колапс на цените во пролетта 2020 година, САД повторно се најголемиот светски производител на нафта – скоро 20% над своите два конкуренти – Саудиска Арабија и Русија – и најголемиот светски производител на природен гас, вели Јергин.

Успехот на американската нафтена индустрија авторот директно го поврзува со ескалацијата на кризата во Украина.

– Денес нема сомнеж за геополитичкото значење на новата позиција на Америка во областа на нафтата и гасот. Кризата во Украина и енергетската криза во Европа го обликуваат глобалното влијание на американското производство на нафта и гас, пишува Јергин.

Претходно во телефонски разговор британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот претседател Џо Бајден изјавија дека е неопходно да се намали зависноста на европските земји од рускиот гас.