Во Дојран петмина новозаразени со ковид-19, а младите тераат журки без маски

11

Во Дојран деновиве се регистрирани пет заразени со ковид-19, соопштија од Центарот за јавно здравје. Станува збор за едно семејство, заразено од семеен кластер. Едниот од заразените е сместен на Инфективно одделение во болницата во Струмица, додека останатите се на домашно лекување.

Вкупно активни случаи во ова туристичко место се шест. Надлежните ги повикаа младите да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19.

„Не апелираме, туку ги молиме младите да држат растојание, да носат заштитни маски, да не се групираат, да се чуваат самите и другите. Ги гледаме сликите од синоќешните забави, по плажи, по шанкови, клубови, сè е до самосвеста, самодисциплината, никој не може да помогне ако сами не се чуваме, може да биде само полошо ако не се придржуваат кон мерките“, вели епидемиолог д-р Сашо Олумчев од Центарот за јавно здравје Велес, Подрачна единица Гевгелија, под чија надлежност е Дојран.