Во Италија рекордна заплена на дрога: Најдени 14 тони амфетамин , вреден милијарда евра (ВИДЕО)

34

Италијанската полиција објави дека запленила рекордна количина амфетамини во форма на 84 милиони таблети произведени во Сирија.

„Ова е најголема количина на амфетамин што полицијата досега ја запленила на глобално ниво“, рече полковникот Доменико Наполитано, директор на финансиската полиција во Неапол.

Пазарната вредност на дрогата запленета во Салерно, јужно од Неапол, е една милијарда евра, се вели во соопштението на италијанската полиција.

Таблетите имаат два полукруга на нив, знак на каптагон кој се смета за наркотик и се користи за „финансирање на тероризам“, се вели во соопштението.

„Познато е дека групата Исламска држава насекаде ги финансира своите терористички активности со шверц на синтетички лекови произведени во Сирија, која стана водечки светски производител на амфетамини во последниве години“, рече истиот извор.

Весникот „Ла Република“ пишува дека пратката требало да биде доставена до швајцарска компанија со седиште во Лугано, во сопственост на италијански државјанин.

Епидемиолошките мерки воведени како резултат на коронавирусот го стопираа производството и дистрибуцијата на синтетички лекови во Европа, така што многу шверцери започнаа да се снабдуваат во Сирија.

Италијанската полиција посочи дека оваа дрога, што се продава ширум Блискиот исток, е „многу распространета меѓу џихадистите бидејќи го отстранува стравот и болката“.