Во Кина 46 нови случаи, земјата се обидува да спречи нов бран на зараза

Кина денес објави дека во земјата се забележани 46 нови случаи на заболени со коронавирус, додека властите  се обидуваат да спречат втор бран на зараза, особено од увезените и асимптоматски случаи, во време кога се укинуваат ограничувањата во градовите и патувањата.

15

Националната здравствена комисија извести дека во 42 случаи се работело за патници кои пристигнале од странство, пренесе Ројтерс.

Во соопштението се додава дека се откриени нови 34 асимптоматски случаи, што е помал број од претходниот ден, кога се откриени 47 случаи.

Во Кина досега се заразени вкупно 81.953 лица, а во изминатите 24 часа починале три лица, и вкупниот број на починати сега е 3.339.

Строгите мерки на карантин од јануари го намалија ширењето на епидемијата, но властите стравуваат од нов бран предизвикан од пристигнувањето на заразени од странство и асимптоматски пациенти.

Новите случаи во Хаилонгјанг, регион во кој е забележано зголемување на бројот на случаи, се должат на кинеските државјани кои влегуваат од Русија, каде се бележи пораст на бројот на заразени и заболени.

Во провинцијата Хубеи, од каде започна пандемијата, седум дена по ред нема нови случаи на болеста.

Од избувнувањето на епидемијата во Вухан главниот град на провинцијата Хубеи, со коронавирус ширум светот се инфицирани 1,7 милиони луѓе и починаа повеќе од 100.000.