Во Колумбија протести против реформските планови на претседателот Петро

4

Илјадници Колумбијци протестираа во неколку колумбиски градови поради плановите на левичарскиот претседател Густаво Петро да го промени Уставот за да ги поттикне социјалните реформи.

Демонстрации се одржаа во неколку градови, вклучително и во главниот град Богота, каде се одржаа протести на главниот плоштад Боливар пред претседателската палата.

Петро ги објави плановите за промена на Уставот за да ги поттикне социјалните реформи кои не можеше да ги унапреди соочен со противењето на Конгресот и конзервативните бизнис групи.

Колумбискиот конгрес неодамна одби да усвои закон за зајакнување на државната контрола врз здравствениот систем со цел да се подобри ефикасноста и да се намалат трошоците за лекување. Како одговор на тоа одбивање, Петро со декрет нареди преземање на двете најголеми компании за здравствено осигурување во земјата, од кои зависат милиони Колумбијци.