Во Кривичен објава на пресудата за „Ласкарци“

8

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за случајот „Ласкарци“ што се однесува на автобуската несреќа којашто се случи во 2019 година, а во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.

Во случајот се обвинети сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, кои се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.

Во доказната постапка од процесот беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.

Одбраната на обвинетите во завршните зборови потенцираше дека во доказната постапка не се докажал товарот што им се става на товар на секој од обвинетите посебно и побараа ослободителна пресуда.

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, од друга страна, во своите завршни зборови побара најстрога казна, бидејќи, според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска. Пресудата треба да биде објавена во 12 часот