Во следните денови се очекува да биде постигнат договор?

51

Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, смета дека коалицијата СДСМ-ДУИ-ДПА е веќе договорена, и дека ДУИ воопшто и не разговарала за премиер Албанец.

„Учесниците во преговорите се свесни и во целост ја разбираат итноста и потребата за постизборна консолидација на институциите, и очекуваат дека во следните денови ќе биде постигнат конечен договор”.

Ова во партиско соопштение го истакна СДСМ, по вчерашното продолжение на преговорите меѓу социјалдемократите и ДУИ на ниво на генерални секретари, за мнозинство што треба да ја формира новата влада.

Во соопштението на СДСМ нема детали за клучното барање на ДУИ – премиер Албанец. Само се посочува дека се работи на усогласување на победничките изборни програми на двете партии и на четиригодишна програма за работа на идната влада, која во целост ќе биде посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите.

„Во тек е и распределбата на одговорностите според ресори во идната коалиција, процес во кој се постигнати добар напредок и начелни согласности. Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат. Партиските органи, партиските секретари и портпароли веднаш ќе ја известат јавноста за сите нови моменти во преговорите и ги замолуваат јавноста и медиумите да не ги земаат предвид шпекулациите“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во другите партии на Албанците чекаат да ја видат реализацијата на клучното ветување со кое ДУИ освои најмногу гласови, но не веруваат дека тоа ќе се оствари. Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар и висок функционер на Алијанса за Албанците, вели дека ДУИ воопшто и не разговарала за премиер Албанец, и дека коалицијата е веќе договорена, а она што сега се презентира е само „театар“.

„Согласно информациите кои ги имаме ние, можам да кажам дека веќе има коалиција меѓу СДСМ-ДУИ-ДПА, со мнозинство од 62 пратеника. Зошто велам дека прават театар? Бидејќи СДСМ вети дека нема да формира влада со ДУИ и дека се срами да биде со ДУИ во влада. ДУИ вети дека ќе има премиер Албанец, а сега прифатија да влезе во влада без премиер Албанец. Всушност, дури не е ни разговарано за премиер Албанец, така што ДУИ ќе влезе во влада без услови, само за да ги заштити криминалците од своите редови. Ова е информацијата која ја поседуваме. Ние неколкупати му рековме на господинот Ахмети, и продолжуваме да го повторуваме истото: дека со нашите 12 пратеници безрезервно ќе го поддржиме ако настојува во разговорите со која било македонска партија, било да е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, да има премиер Албанец. Даваме безрезервна поддршка, но само за она што тој го рече – да има премиер Албанец 4 години“, потенцира Таравари во изјава за ТВ „21“, додавајќи дека се неприфатливи пазарења за премиер Албанец една година.