Во Словенија ситуацијата со коронавирусот сѐ посериозна, повторно над 300 новозаразени

13

И покрај новите мерки воведени во петокот, во Словенија епидемиолошката состојба со коронавирусот е сѐ посериозна, бидејќи втор ден со ред се бележи повеќе од 300 нови зарази.

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 362 случаи на коронаинфекции, што е само малку помалку од вчерашните рекордни 387 случаи, соопшти утрово за словенечката телевизија Јелко Кацин, портпарол на словенечката влада за епидемијата со коронавирусот.

Во Словенија на сила е одлуката на владата за забрана за собири на повеќе од десет лица во јавни и приватни простори. Продавниците, јавните канцеларии, поштите и сличните установи мора да обезбедат во исто време во нив да нема повеќе од едно лице на 20 квадратни метри, воведени се ограничувања за работа на локалите и рестораните кои гостите ќе може да ги служат само на маси со пропишана оддалеченост, додека забранети се приеми и други собири на кои ќе се служи храна и пијалак.

Како што во четвртокот вечерта за Словенечката телевизија изјави министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, доколку следните денови овие мерки не ги дадат саканите резултати и бројот на заразените не падне, тогаш владата ќе размисли за построги мерки и препораки, а можно е и постепено затворање на фризерските салони и сличните дејности, како што беше пролетта во првиот бран на епидемијата.

Хојс потврди дека во петокот во попладневните часови на барање на премиерот Јанез Јанша ќе се одржи состанок на Советот за национална безбедност, со главна точка развој на епидемиолошката ситуација којашто е сериозна.

Јанша на почетокот од седмицава на прес-конференција ги повика граѓаните на одговорност и солидарност преку строгото придржување на епидемиолошките мерки, велејќи дека тоа ќе биде своевиден тест за општеството, а дека Словенија во случај на драматично влошување на ситуацијата и влегувањето во ткн „црвена зона“ ризикува затворање на општинските и регионалните граници, со сите општествени и економски последици, што според него треба да се избегне.

Според планот кој оваа седмица ја потврди владата, Словенија би влегла во ткн „црвена зона“, кога би било потврдено повторно прогласување епидемија, во оној момент кога бројот на заразите на 100.000 жители во 13 дена ќе мине 140, и кога во болниците ќе има над 250 заболени, од кои 50 потешко, како и дека во тој случај би биле потребни подрастични мерки кои никој не ги сака и кои може да се избегнат со дисциплинирано однесување.

Според состојбата од средата кога беа забележани рекордни 387 зарази и еден смртен случај, и кога имаше 131 хоспитализиран од кои 21 пациент на одделите за интезивна нега, состојбата не беше толку драматична, но може да се влоши, па некои епидемиолози сметаат дека доколку продолжи лошиот тренд кон крајот на месецот во Словенија би биле потребни 300 легла за ковид-болните, со соодветните медицински тимови кои би се грижеле за нив, што е проблем бидејќи би морело да се запрат други медицински програми.

Според пресметките на моделот на научниот Институт „Јожеф Штефан“ кој работи модели на развој на епидемијата за владата, епидемијата е во пораст и бројот на заболените се удвојува на секои 13 дена. Загрижува и податокот дека во средата првпат заразата е потврдена на повеќе од 10 отсто од заразените, односно изнесуваше 10,59 отсто.

Од Институтот за јавно здравје известија дека следните денови поради преоптоварување и премалиот капацитет за тестирања ќе се насочат само на „ранливите групи“ и системи, како што се популациите во домовите за стари лица, здравството и заедничките домаќинства, што значи дека ќе се издаваат помалку одредби за карантин и дека можноста за испуштање на забележаните контакти ќе биде поголема.

Епидемиолозите, исто така, предупредуваат дека репродукциската бројка на ширењето на епидемијата е над 1,3 што значи дека тешко се контролира, а за епидемиолошката контрола повторно да биде доведена во нормала би требало репродукциската бројка да падне на помалку од 1.
https://buff.ly/33GrXow