Во 2022 година изречени 11 200 мерки за пребрзо возење на тетовското подрачје

3

 

Одделот за аналитика при СВР Тетово евидентира дека во текот на сите месеци од 2022 година полицајците во редовни и акциски контролни активности, изрекле вкупно 11 200 мерки за неприлагодена брзина според условите на патот, односно за пребрзо возење. Бројката е значително поголема од 2021 година кога полицијата изрекла 8164 казни на возачи кои не ги почитувале сообраќајните знаци, правила и прописи што се однесуваат на максимално дозволената брзина на движење.

-Од вкупно 11 200 мерки, 7189 биле за пречекорување на максимално дозволената, односно пропишана брзина на поширокото тетовско подрачје. Имајќи во вид дека пребрзото возење и лани беше најчестиот прекршок во Полошкиот регион и една од најчестите причини за случените сообраќајни несреќи, Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до возачите да не брзаат непотребно и да не ја загрозуваат сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Ова, посебно се однесува на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и магистралниот пат Гостивар-Кичево, а во последно време и на регионалниот пат Маврови-Анови-Дебар, уште повеќе што деновиве коловозите се влажни и на поедини места лизгави, истакна портпаролот Марјан Јосифоски.

Сите прекршоци биле заокружени со соодветни поднесоци и санкционирани со законски предвидените парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност.