Вработени во велешкото ЈКП Дервен доаѓале на работа, иако имале симпоми на ковид-19

9

Вработени во велешкото Јавно комунално претпријатие Дервен доаѓале на работа, иако имале симптоми на ковид-19, односно покачена температура, откри градоначалникот Аце Коцевски. Подоцна, нивните тестови биле позитивни, со што ги изложиле на опасност останатите вработени, пренесе Батали.нет.

Во Дервен во моментов има четворица вработни позитивни на коронавирус, а осуммина се во изолација. Градоначалникот Коцевски се сомнева дека со неодговорниот однос на овие вработени, вирусот е пренесен и во општинската администрација.

„Тоа е неодговорен однос. Вработени кои имале покачена температура, доаѓале на работа и на тој начин, најверојатно е пренесена инфекцијата и кај општинската администрација, при контакти со нив, на заеднички состаноци. Апелирам до сите граѓани, а посебно до вработените во општинските институции на поодговорен однос“, рече градоначалникот Коцевски.

Освен вработени во Дервен, еден административен работник од општината е позитивен на коронавирус и од вчера е хоспитализиран во велешката болница. Други двајца, кои работеле во иста канцеларија со заразениот, се во изолација, од кои еден од нив има симптоми и чека тестрирање.

Во велешките училишта еден ученик е позитивен на ковид-19, а 22 се во изолација. Засега нема наставници заразени со вирусот, но петмина се во изолација. Еден вработен во техничка служба во основно училиште е инфициран со коронавирус.

Во велешката болница се хоспитализирани 32 пациенти, од кои двајца се сомнителни, а 30 се со потврдени позитивни тестови. Од нив дури половината или 15 пациенти се на кислородна поддршка. Минатата ноќ во на инфективното одделение на велешката болница починаа тројца пациенти. Исто толку пациенти се испишани како издравени, откако добиле два негативни теста.