Вучиќ: Владата и образовните институции повторно да размислат дали родителите треба да ги оценуваат наставниците

2

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод вчерашното стапување на сила на Правилникот за постапување во училиштата во случај на насилство, денеска оцени дека родителите не треба да ги оценуваат наставниците и ја повика Владата и образовните институции уште еднаш да ја разгледаат оваа одредба, јави дописникот од Белград.

-Наставниците се тие во кои треба да имаме најголема доверба, а родителите се тука да помогнат, а не да одлучуваат наместо наставникот, изјави Вучиќ во видео пораката на социјалната мрежа Инстаграм.

Вучиќ рече дека не се сомнева во стручноста на тие што го напишале Правилникот, но дека „ги моли одново да размислат“.

-Потребни ни се наставници, потполно слободни, кои знаат подобро од сите нас родители како да работат со децата. Не можам да замислам како јас би знаел подобро од кој било ученик или професор како некое од моите деца учи и се однесува на час и од каде јас би имал право да оценувам наставници, напиша Вучиќ.

Новиот Правилник веќе се применува од четврток, 22 февруари.

Во една од одредбите се предвидува дека во случај родителите на повеќе од половина од учениците од исто одделение да сметаат дека наставникот не спроведува настава и други облици на воспитно-образовна работа во согласност со закон и Правилата за оценување, училиштето спроведува постапка во која се утврдува неговата одговорност и презема соодветни мерки мерки.