Српскиот претседател Алекандар Вучиќ денеска изјави дека лично му ја честитал победата на Јаков Милатовиќ на претседателските избори во Црна Гора и дека се надева дека по инаугурацијата првата земја што ќе ја посети ќе биде Србија.
-Секаде во медиумите гледам да се пишува дека победил Вучиќ. Јас не победив. Победи господинот Милатовиќ, победија силите што го поддржуваа во Црна Гора. Ние за разлика од сите, не се мешавме во изборите, се однесувавме многу коректно, сериозно и одговорно. Му честитав на г. Милатовиќ, официјално, бидејќи сите актери на политичката сцена веќе му ја честитаа победата на г. Милатовиќ уште пред конечното прогласување. Изразив надеж дека нашите односи ќе бидат подобри и дека заеднички ќе работиме на напредок во тие односи, рече тој.
Вучиќ во Верона каде со италијанската премиерка Џорџа Мелони го обиколи саемот Винитали, изјави дека неговите политички противници не можат да го победат како што го победија Мило Ѓукановиќ во Црна Гора, бидејќи тој повеќе не може да се кандидира за претседател на Србија, но и затоа што ветил дека никогаш нема да го победат. Тој додаде дека на неговите противници „мозокот им е помрачен, но не од алкохол и дрога, туку од патолошка омраза“.
Претседателот на Србија, изјави и дека неговите политички противници рекле дека тој ќе воведе санкции кон Русија уште пред една година, но дека тој не го сторил тоа.
-Рекоа дека на 3 април ќе воведеме санкции, видете како тоа изгледа. Пред една година и еден месец од конфликтот сите зборуваа дека се против санкциите, а јас морав да внимавам што треба да направиме. Не можете во секое време да му покажувате на противникот или на другите што правите, мора нешто да скриете. Не сакав да бидам гласен. Од сета таа храброст сите станаа поборници за воведување санкции. Но, тоа е една во милион лаги – изјави Вучиќ.