Вучиќ: Сигурен сум дека никој не може да ја сопре иницијативата „Отворен Балкан“

7

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Тирана на пленарната седница во рамките на „Отворен Балкан“ изјави дека оваа иницијатива е поголема од секој од нив поединечно и создава, како што потенцира, основа за иднината на нашите деца и за подобар економски развој на трите земји, јави дописникот на МИА од Белград.

– Верувам дека ова е една од најголемите идеи во денешна Европа. Сега сум 100 отсто сигурен дека никој не може да ја спречи оваа иницијатива, кажа Вучиќ.

Заблагодарувајќи им се на сите кои учествуваа во подготовката на договорите што ќе бидат потпишани денеска, а се однесуваат на полесен проток на луѓе и стоки меѓу трите земји, Вучиќ кажа дека тоа се големи резултати за доброто на сите.

– Една реченица на Френклин Рузвелт вели – Можеби не сме подготвени да ја подготвиме иднината на нашите деца, но можеме да ги подготвиме нашите деца за иднината. Навистина мислам дека оваа иницијатива е поголема од кој било од нас и е нешто што ќе создаде основа за иднината на нашите деца, порача Вучиќ и додаде дека оваа иницијатива ги отвора границите меѓу луѓето.

Што и да правиме, најважна цел е да ги поврземе луѓето, кажа претседателот на Србија.

Тој додаде дека синоќа разговарал со бизнисмени од Албанија, а во разговорот, како што кажа, препознал искрена желба за инвестиции во Србија и Северна Македонија, посочувајќи дека познава и многу луѓе од Србија кои сакаат да инвестираат во Албанија и Северна Македонија.

Вучиќ укажа и дека има се повеќе туристи од Србија кои патуваат во Албанија и Северна Македонија и оти верува дека се повеќе луѓе од Северна Македонија и Албанија ќе дојдат во Србија.

Истакна дека „Отворен Балкан” е вистинската основа за подобар економски развој на трите земји во иднина. Се осврна на работните дозволи, нагласувајќи дека тоа е важна тема, а како пример ја наведе компанијата „Кромберг-Шуберт”, која има свои погони во Србија и Северна Македонија. Кога компанијата имала потреба од обука на инженери, било тешко да се договорат работни дозволи за да заминат во друга земја, а сега, посочи, веќе не мора да прават ништо, бидејќи работната сила е добредојдена во двете земји.

– Со проширување на пазарот на труд ќе привлечеме повеќе компании од запад и од исток, бидејќи ќе можеме да понудиме повеќе и подобро образована работна сила од сите три земји. Гарантирам дека во наредните години ќе видиме значително поголема привлечност на странски директни инвестиции, истакна српскиот претседател.

Оцени дека е добро што ги послушале деловните луѓе од сите три земји неодамна во Белград и почнале да го исполнуваат тоа што го побарале од властите. Сега, потенцира, треба да се зборува за тоа што ќе се прави понатаму, бидејќи граѓаните ќе бараат повеќе, и затоа мора брзо и ефикасно да се работи на натамошното поврзување.

Вучиќ изрази уверување дека граѓаните треба да ги видат резултатите и дека, на пример, во наредните месеци може да се разговара за попусти за граѓаните на Отворен Балкан преку намалување на патарините, или попусти во продавниците.

– Убеден сум дека сето тоа ќе ја зголеми енергијата на соработката и верувам дека ова е една од најголемите идеи во денешна Европа. Сега сум 100 отсто сигурен дека никој не може да ја спречи оваа иницијатива, оцени тој, додавајќи да ова е инклузивен процес кој е отворен за сите што сакаат да се приклучат.

– Стопати го повторивме тоа и не треба повеќе да се извинуваме што некои не се дел од таа иницијатива. Доколку сакаат да се приклучат, добредојдени се. Ќе им биде тешко на владите да им објаснат на своите граѓани што не ни се придружуваат, кажа Вучиќ, порачувајќи дека „Отворен Балкан“ ќе создаде реални шанси и предности за сите земји.