Вучиќ: Србија беше почитувана во САД, Путин ми се извини

15

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека Србија успеала да ги отвори вратите во Белата куќа. Вели дека на Србија ѝ била укажана почит во САД и земјата била означена како важен партнер.

„Не сум глупав да мислам дека тоа не е поврзано со прашања поврзани со САД, но на Србија ѝ беше укажана почит“, рече Вучиќ во емисијата „Интервју“ на Српската радио-телевизија.

„Пред да заминам за Вашингтон навестив дека ќе има изненадувања бидејќи нашите служби дојдоа до информација дека ќе има точки што немаат никаква врска со економијата“, рече Вучиќ обидувајќи се да го објасни контекстот во кој беше потпишан договорот во Вашингтон.

„Две или три години слушам – не, не можете да седите на два стола, а секогаш велев дека Србија седи само на својот стол. Денес имате повеќе од четири стола – ЕУ плус Германија, САД, ги имате Кина и Русија, но исто така и големи регионални играчи, во нашиот регион тоа е Турција “, истакна Вучиќ.

„Позицијата на Србија, која е на европскиот пат, воопшто не е лесна. Во САД,ж вратите на Белата куќа беа затворени за нас до овој момент, рече Вучиќ, наведувајќи дека ги донел оригиналите на договорите потпишани во Белата куќа за луѓето да видат што е вистина, а што не е.

Вучиќ исто така изјави дека и претседателот и министерот за надворешни работи на Русија му се извиниле за објавата на портпаролот на Кремљ, Марија Захарова.

Вучиќ за РТС рече дека рускиот претседател, Владимир Путин, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, „никогаш порано не се извиниле за ништо, а сега тоа го направиле и двајцата“.

„Путин ми рече дека руската држава не стои зад тоа (објавата на Захарова), а особено не тој лично“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека односите меѓу Србија и Русија се многу добри, дека има чести консултации со Путин и дека јавноста може да види колку ги почитува Русија и него и Србија по невидената објава на Захарова.

Во саботата Захарова на „Фејсбук“ објави фотографија на српскиот претседател Александар Вучиќ на ниско столче пред голема маса со американскиот претседател Доналд Трамп и фотографија на сцена од филмот „Ниски страсти“, во која актерката Шерон Стоун седи со прекрстени нозе на полициско испрашување.

„Ако ве поканат во Белата куќа, а столчето е поставено како да сте на сослушување, седите како на сликата број 2. Без разлика кој сте. Верувајте ми“, напиша Захарова.

Таа подоцна се извини за објавата и изјави дека е погрешно протолкувано алудирајќи дека мисли на односот на САД кон гостинот.