Гајрет политика за фукара народ

180

Пушти телевизор, се ке ти стане јасно. Додека некој друг одлучува за твојата судбита, тебе на телевизија главен сурат ти е оној на Кастриот Реџепи, на Гаши – Маши, Сеља-Меља, Заев – Маев, Мицко-Грицко… и на некој маргиналци кои во јавниот живот на ниту една здрава држава во светот не би можеле да бидат ни шофери а камо ли државници

Од Агим ЈОНУЗ

Дали е вистина дека повеќе од пола народ живее со 150 денари дневно? А како!? Е, тоа е прашање на кое само тие може да одговорат. Секако кога ќе ги прашаш, ако не те отераат у пичку матер и не ти удрат бокс. Ти во меѓувреме ке се прашуваш зошто ли е толку агресивен овој народ. Море ќути, добро е што не те каса како куче! Ионака живее кучешки живот.

Бидите сигурни дека во една селска задруга има повеќе ред отколку во оваа држава.Немам намера да зборувам за нешто што сите го знаеме, туку за нешто што никој не го знае, а тоа е прашањето како ќе излеземе од овој ќенеф. Ситуацијата во политиката е слична на ситуацијата кога со кола ќе дојдеш до амбис, па шоферот за да нема паника кажува вицови за да не мислат патниците на амбисот. Таква е и приказната со Европа. А со што друго да ти прават перде пред очите овие политичари.

Македонија нема своја политика. Да имаше, многу нешта ке беа поинакви. И на внатрешен, и на надворешен план. Македонија е само она што сака меѓународниот фактор таа да биде. За тоа има повеќе причини, но главната е таа што Македонија покажа дека не знае сама да се организира како прво, а како второ и она малку здрав разум што го има внатре не сака да се здружи и да прави држава. Тоа е комплекс на малите народи. Да мисли дека е голем се додека некој од страна не му каже да не јаде многу мушмули, него да слуша. Да беше Македонија земја во која живее здрав народ што има дигнитет и став, ова ќе беше многу по домаќинска куќа во која живее задоволен народ. Кој е задоволен во Македонија? Никој!

Како се маскира ‘‘летањето во место‘‘ на македонската политичка сцена? Многу едноставно.  Ние ни ‘‘ Е‘‘ од Европа нема да видиме уште долго. Арно ама, филмот дека ‘‘ се утепавме од борба‘‘ држи на јавната сцена многу актуелни ликови кои ниту самите не веруваат во тоа што го прават. Тоа им е фантастична маска за да го оправдаат своето присуство на врвот во политиката. Сето тоа помогнато со медиумите, држи амбиент во народот дека цело време некој ни прави неправда и намерно работи против нас, додека ние сите погинавме за влез во таа Европа. Единствениот европски стандард што Македонија го има е загаденоста на воздухот. Кога би се мереле стандардите ние не би биле примени ниту во Јужна Африка.

Оваа држава постои за прв пат во историјата. Колку и да се лутат македонците, таа никогаш како држава не постоела. Нема традиција. Нема историја на демократија. Нема дел од историјата кој потврдува дека таа функционирала на некаков начин. Некој ке рече да, постоела во време на Југославија, ама не била држава, туку милениче на останатите кои ја чувале безбедна како фетус во утроба на мајка. Некој друг мислел на неа. Не таа самата.Била дел од еден систем.

Трагедијата на македонската политичка сцена е во тоа што таа во најголем дел во себе носи чиста импровизација за дневна политика. Комбинаторики кои треба да оправдаат постоење на непотребни па дури и штетни политики од одредени партии. Сите се вадат на тоа дека тоа е демократија, ама и демократијата има граници, Реално, на население од неполни два милиона жители, не и се потребни повеќе од неколку партии. А во Македонија не можеш да ги изброиш колку се. Население колку што брои Македонија го управува еден градоначалник на општина Аксарај во Истанбул. И тоа без парламент и разни институции.

Македонците своето оправдување за неспособноста цело време ја оправдуваа со податокот дека албанците правеа долго време проблеми додека не се потпиша тој легендарен рамковен договор, а откога се потпиша пак, се злоупотребува максимално. Јас на тоа ке одговорам многу едноставно. Како прво, да не сакаа албанците да има држава уште на самиот почеток ке се оградеа од тоа и ке речеа ‘‘ не сакаме држава со вас бе‘‘! Значи, таа теза паѓа во вода. Како второ, политиката на албанскиот кампус како национална ( етничка) не е ништо повеќе од тенденција за адекватно исполнување на членовите од рамкоквниот договор. Е, ајде да прашаме сега колкав е тој процент? Ете, да заокружиме на 25%! Ок! Што прават и како се организирани останатите 75% од државата. Албанците се виновни за тоа што останатите 75% се однесуваат кон својата држава како да е фудбалска топка па си жонглираат како Роналдо со неа!? Албанците воопшто не се ‘‘ цвеќе за мирисање‘‘ што се однесува до политичкото ткиво внатре во кампусот. Ама, дали останатите кои немаат врска со албанската ( македонска) политика воопшто знаат што прават!

На народот мора да му се прикаже дека нешто се прави. Се прави да ми простите ‘‘ ташак мој‘‘! Една мала држава како што е Македонија мораше да ја свитка опашката пред грците и да го менува името. Не е Зоран Заев тој што ја продал Македонија со името. Никој не сака да признае дека тоа беше притисок на меѓународната заедница. Пораката беше ‘‘ ало бе, вие ли ке се заебавате со една Грција‘‘ која носи историја од времето на Аристотел!? Истото се случува и со Бугарија. Бугарија има архиви во кои точно стои на хартија ‘‘која чорапа на која нога иде‘‘. Се додека не се реши тоа прашање ние само може да замислуваме дека сме фраери кои ке им застанат на пат. Ние забораваме дека без разлика на тоа дали Бугарија е во право или не, таа и е по драгоцена на Европа од Македонија. Држи една третина од обалата на Црно море. А што држиме ние!? Левата страна на Вардар кај што до удира мирисот на кебапчињата од Дестан?

Македонците се неспособни да градат и држат здрава држава. Ако на сето тоа го додадеме и национал-романтистичкиот политички ветер на албанците, Македонија испаѓа една голема земјоделска фарма која во управувачкиот одбор има сељаци  кои не знаат ни самите што сеат а што жнеат. Цело време јавната политичка сцена е опседната со некаква опасност дека некој друг ни е виновен, а не ние самите како популација. Така, и од таа неспособност да се изгради стабилна општествено-социјална платформа, на народот му се пласираат цело време филмови во кои се прикажува формата, но никако суштината.

Формата вели дека сме суверена самостојна држава со сите нишани. Пеки! Ок! Рамноправна членка на НАТО која реално со војската и структурата која влезе не беше спремна ни да биде член на ловечко друштво. Нејсе, реално Албанија пред нас влезе иако беше ‘‘дам-бетер‘‘ од Македонија, ама држи пола Јадранско приморје. Тоа само го потврдува она што е суштината, која вели дека со судбината не само на Македонија, туку и регионално ја диктираат големите сили. Судбината и суштината на овој регион не е во ничии други раце освен во оние кои одлучуваат дали ќе има мир или војна. А со самото тоа ќе има бериќет или ке има фукаралук. Американците! Ние одамна сме им го продале газот на нив. Поточно, тие ни дадоа држава како што тоа го направи Тито на АВНОЈ. Се друго се приказни за мали деца.

И да му се вратиме на насловот од колумната. Зошто сето ова се филмови за фукара народ. Многу едноставно. Пушти телевизор, се ке ти стане јасно. Додека некој друг одлучува за твојата судбита, тебе на телевизија главен сурат ти е оној на Кастриот Реџепи, на Гаши – Маши, Сеља-Меља, Заев – Маев, Мицко-Грицко… и на некој маргиналци кои во јавниот живот на ниту една здрава држава во светот не би можеле да бидат ни шофери а камо ли државници.

Македонија има прекрасни и способни луѓе Македонци, Албанци, Срби, Турци, и многу кои оваа држава без оглед на формата може да ја организираат државата да биде социјално -економски здрава и квалитетна.  Тие луѓе претставуваат опасност. Тогаш никој нема да може да контролира од надвор. А, луѓето во државата ќе си ја сакаат и нема да може туку-така да се заебава секој. Од надвор сме како убава црвена јаболка, ама одвнатре сме со црви. Има една турска изрека која вика ‘‘ Дишариси форма – Ичериси сорма‘‘ а во превод е ‘‘ однадвор убава-одвнатре ич не прашувај‘‘.

ГАЈРЕТ ЏЕМААТ,.. ГАЈРЕТ !…

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)