Германија за прв пат официјално најави можна гасна криза: „Секој киловат час е важен“

3

Германија ја најави првата фаза на подготвеност за можна криза со снабдувањето со гас, повикувајќи ги граѓаните и компаниите да ја намалат потрошувачката бидејќи Русија сигнализираше прекин на испораките доколку гасот не се плаќа во рубли.

„Снабдувањето е сè уште безбедно, во моментов нема доцнења, но треба да ги засилиме нашите мерки на претпазливост за да бидеме подготвени во случај на ескалација од Русија“, изјави министерот за економија Роберт Хабек, пренесува Хина.

Одлуката на Хабек ја активираше фазата на подготвеност на планот за снабдување со гас во случај на криза, кој предвидува заштеда на гас, обезбедување на наавките и снабдување на домаќинствата со доволно гориво.

„Тоа значи дека сите корисници на гас, од бизниси до домаќинства, мора да ја намалат потрошувачката што е можно повеќе“, рече министерот за економија, додавајќи дека „секој киловат час е важен“.

Подготвеноста вклучува кризен тим за анализа и проценка на ситуацијата со снабдувањето за да се утврди дали треба да се преземат дополнителни мерки за да се подобри безбедноста на снабдувањето, се вели на веб-страницата на Министерството за економија.

Русија минатата недела објави дека ќе прифаќа плаќања само во рубли, што е прекршување на договорот, а членките на Г7 го одбија барањето, соопшти германското Министерство за економија. Москва, сепак, повтори дека ќе прифати само рубли, заканувајќи се дека во спротивно ќе ги прекине испораките.

Шефот на регулаторот за дистрибутивни мрежи Клаус Мулер на Твитер напиша дека целта на објавувањето на подготвеноста за кризи е да се избегне влошување на состојбата со снабдувањето, апелирајќи до граѓаните и компаниите да бидат подготвени за „сите сценарија“.

Германија подмирува 30 отсто од побарувачката за гас од Русија, која беше строго санкционирана од западните земји поради нападот врз Украина. Европа продолжува да купува руски гас, но сака да го намали снабдувањето и на крајот да биде целосно независна од испораките од Русија.

Русија минатата недела објави дека во иднина гасот од „непријателските земји“ кои и воведоа санкции ќе го наплаќа исклучиво во рубли. Централната банка и Министерството за финансии треба да објават детали за механизмот во четврток.