Германија има потреба од 400.000 квалификувани работници годишно

2

Околу 400 илјади квалификувани имигранти ѝ се потребни годишно на Германија, за да надомести за недостигот на работна сила, вели директорот на Државната агенција за вработување.

„Не мислам на азил, туку на таргетирана имиграција за да се пополнат дупките во пазарот на трудот. Од работници за пружање нега, преку местење и одржување климатизери па сѐ до професори, насекаде ќе има недостаток на квалификувани работници“, изјави Детлеф Шеле.

Директорот го отфрла можниот отпор миграцијата како решение за недостигот на работна сила.

„Може да истапат и да речат: ‘Не сакаме странци’. Но, тоа не е решение. Факт е дека Германија има сѐ помалку работници“, вели Шеле.

Според него, од демографски причини, годинава бројката на потенцијални работници кои се работоспособни ќе се намали за 150 илјади, а уште подраматично ќе биде во следните неколку години.

„Германија може да го реши проблемот со квалификација на неквалификувани работници и лица кои ги изгубиле работните места поради технички промени. Да им се дозволи на жените хонороарци, кои сакаат, да работат подолго и, пред сѐ, да се донесат имигранти во земјата“, апелира Шеле.

Тој рече дека недостигот на работна сила е клучно прашање кое треба да го реши следната влада по изборите следниот месец.