Германскиот железнички концерн Дојче Бан се соочува со голем недостиг на работна сила, па одлучи да побара персонал во неколку европски земји меѓу нив и во Северна Македонија.
На германскиот државен железнички сервис му се потребни илјадници нови работници, па компанијата одлучи да ги пополни празните места со потрага низ повеќе европски земји. Дојче Бан бара машиновозачи, возачи на автобуси и електричари во четири европски држави, меѓу нив и во Северна Македонија.
Годинава веќе беа објавени огласи во Шпанија и Романија од каде беа вработени по 30 работници од бараните профили. Сега „ловот„ по работна сила ќе се шири и на Италија, Грција, Србија и Северна Македонија.
Работниците кои ќе ги исполнат критериумите ќе добијат дополнителна обука во Германија, платено учење на германскиот јазик и квалификација за одредена струка, најави денеска во Берлин шефот на персоналното одделение на Дојче Бан Мартин Зајлер. Дојче Бан ветува усовршување и школување на заинтересираните во Германија
Во текот на годинава, концернот отворил 24 илјади нови работни места, но за следната година ќе му бидат потребни уште 8.000 работници од различни профили.
Најбарани се возачи на локомотиви. Во потрага по работна сила во странство се и австриската и швајцарската железница, со тоа што Швајцарија регрутира работна сила во Германија, додека Австријците огласуваат во југоисточна Европа.