Главниот американски епидемиолог ја нападна Белата куќа поради состојбата со короната

18

Неколку дена пред претседателските избори, главниот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи ја прозва Белата куќа, односно нејзината стратегија за сузбивање на ширењето на пандемијата.

Во интервју за Вашингтон пост објавен во саботата вечер, Фаучи ја критикуваше Белата куќа и рече дека дозволила на нејзината стратегија во борбата против вирусот да влијание мислењето на неврорадиологот кој нема никакво образование од областа на заразни болести.

Тој додаде дека ја цени искреноста на шефот на персоналот на Белата куќа Марк Медоус, кој за време на неодамнешното интервју за Си-ен-ен призна дека администрацијата на Трамп се откажала од обидот да се контролира ширењето на ковид-19.

Главниот американски експерт за инфективни болести не го криеше своето незадоволство од пораките на неврорадиологот Скот Атлас, кој неодамна стана главен советник на претседателот за ковид-19. Имено, Атлас, член на работната група за коронавирус во Белата куќа, стана поблизок до претседателот откако Фаучи и докторката Дебора Биркс се повлекоа од јавноста. Атлас ја минимизираше ефективноста на носењето маски и велеше дека не е толку важно да се тестираат асимптоматските лица.

„Навистина имам проблем со тој човек. Тој е паметен човек, но зборува за работи за кои нема вистинско знаење или искуство. Кога ќе го разгледате тоа што го рече, гледате дека нема никаква смисла“, рече Фаучи за Атлас.

Фаучи и Биркс беа клучни фигури во создавањето стратегија за спречување на ширењето на ковид-19 во раните денови на пандемијата. Но, како одминуваше времето, Трамп се повеќе се фрустрираше со настапите на Фаучи во медиумите, пишува Си-ен-ен.

За време на разговорите со предизборниот персонал во октомври, Трамп ги нарече Фаучи и другите здравствени работници „идиоти“ и рече дека Американците се заситиле од слушање за пандемијата.

Скот Атлас многу брзо по интервјуто во Вашингтон Пост му одговори на Фаучи на Твитер користејќи низа хаштагови како #небезбедност или #непријатно му е.

Фаучи беше критикуван и од заменик-секретарот на Белата куќа Џад Дир, тврдејќи дека несоодветно си игра политика неколку дена пред изборите.

„Неприфатливо е за Фаучи, член на претседателската група за коронавирус и некој што ги фалеше постапките на претседателот Трамп за време на пандемијата, да одлучи да си игра политика три дена пред изборите“, рече Дир.

„Како член на работната група, Фаучи беше должен да изрази загриженост или да се заложи за промена на стратегијата, но тој не го стори тоа, туку го критикуваше претседателот во медиумите и го фалеше неговиот политички противник“, додаде тој.