Горе-долу исти по број и образование со мажите, жените ги има за 150 илјади помалку на работните места

19

Државниот завод за статистика пресметал дека на крајот на минатата година државата имала 2.076.255 жители, од кои 1.039.716 мажи, а 1.036.539 жени. Од мажите работно место имале 477.437, а вработени биле 320.214 жени, или 150 илјади помалку. Ситуацијата е таква и покрај тоа што речиси нема разлика во образованието меѓу двата пола

Иако според број мажите и жените во државава се горе-долу изедначени, кога е во прашање вработувањето, жените се во минус.

Државниот завод за статистика пресметал дека на крајот на минатата година државата имала 2.076.255 жители, од кои 1.039.716 мажи, а 1.036.539 жени. Од мажите работно место имале 477.437, а вработени биле 320.214 жени, или 150 илјади помалку. Ситуацијата е таква и покрај тоа што речиси нема разлика во образованието меѓу двата пола.

Едно истражување на независната истражувачка организација „Реактор“ открива дека родовиот јаз е раширен секаде низ балканските земји, а во нашата е меѓу поголемите. „Реактор“ наведува дека земјите од Западен Балкан имаат законска регулатива за заштита од дискриминација и нејзино спречување, но податоците од истражувањето спроведено во Косово, Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина упатуваат на широко распространета родово-базирана дискриминација на пазарот на труд, почнувајќи од дискриминаторски прашања на интервјуа за вработување, па сè до дискриминирање и сексуално вознемирување на работното место.

-Структурните бариери и директната дискриминација на пазарот на труд се рефлектирани и во официјалната статистика за разликите меѓу стапките на вработеност на жените и мажите во шесте земји. Во Република Северна Македонија родовиот јаз во вработеноста е континуирано висок и споредено со преостанатите земји од регионот состојбата во нашата земја е подобра само споредено со Косово, посочува „Реактор“.

Според објавените податоци од тоа истражување, во Косово, каде што родовиот јаз изнесува највисоки 29 процентни поени, вработени се 11 проценти жени наспроти 39 проценти мажи. На второ и трето место со разлика во вработеноста кај мажите и жените од 19-процентни пени се Босна и Херцеговина и нашата држава. Во БиХ 25 отсто жени работат наспроти 44 проценти мажи, а кај нас има 36 проценти жени и 54 проценти мажи во работен однос.

Во Црна Гора и Србија, ситуацијата е за нијанса подобра – разликата е 15-процентни поени со идентична застапеност на мажите и жените на работните места во двете држави: 41 процент жени и 56 проценти мажи. Албанија има најмал јаз од 13 процентни поени,односно 45 отсто жени и 59 проценти мажи во работен однос.

Општо, во земјите на Западен Балкан, „Реактор“ измерил родов јаз од 17 проценти поени и работна ангажираност на 36 отсто од жените и 53 отсто од мажите.

Сепак, бројките што ги објави ДЗС покажуваат дека минатата година има зголемување на стапката на вработеност и кај жените и тоа од 8,7 процентни поени.

Жените се помалку застапени и на пазарот на труд, па според најновите податоци од Агенцијата за вработување од вкупно 121.187 евидентирани невработени во мај годинава, 59.071 се жени.