Тимот пожарникари на Противпожарната бригада целосно го изгаснаа пожарот што попладнево избувна во стан во населбата Карпош. Интервенцијата на 15 пожарникари кои на терен беа со 5 возила, траеше околу половина час. Во пожарот повредени лица нема, а причинета е материјална штета.
„Пожар избувна денеска во стан на петти кат во зграда на улицата „Рузвелтова” во Скопје. Со брза интервенција на пожарникарите пожарот целосно е изгаснат”, изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Дојавата дека има пожар екипата ја добила во 13,30 часот и веднаш се упатиле на терен. Пожарот целосно е изгаснат.
Според првичните, неофицијални информации огнот избувнал поради невнимание при готвење и брзо се проширил во кујната, па и низ целиот стан.
Противпожарната екипа успеала да спречи огнот да ги зафати и останатите станови во зградата.
Станот во кој се интервенираше е изгорен, а официјалните причини за настанување на пожарот ќе се знаат откако ќе биде завршен увидот на терен кој е во тек.