Готови се анализите за ОХИС: Во воздухот немало отровни супстанци

14

Резултатите од мерењата на акредитираната лабораторија од Штипскиот универзитет покажале присуство на опасната материја метил акрилат мономер во цевки и во резервоар во ОХИС, но немало надвор во животната средина. Министерот за животна средина Насер Нуредини на денешниот брифинг со новинарите уверуваше дека ситуацијата е под контрола и дека инспекторатот ја среди ситуацијата. Тој кажа и дека ќе побараат одговорност од сопственикот на фирмата за тоа што се случило.

Постапката за чистење на хемикалиите во кругот на „Охис“ го врши фирмата „Екоцентар 97“, која треба да го извезе отпадот во Швајцарија, каде ќе се врши негово уништување.

Во петокот, при миење цистерни преку кои се вршело препакување на метил акрилат мономер се излеала водата. Како што тогаш кажаа од Инспекторатот на Министерството за животна средина, пукнал вентилот на цистерната и водата се излеала во танкваната, еден вид када. Станува збор за околу 7 тони вода, која е контаминирана бидејќи со неа се миеле хемикалиите. Инспекциските служби на централно и локално ниво постапиле по дојава од жители кои утрово почувствувале непријатна миризба во околината на фабриката.