Граѓаните парите од „викенд без ДДВ“ ќе ги добијат во ноември

60

Повратот на данокот од „викенд без ДДВ“ може да задоцни, зашто ќе го чека ребалансот на буџетот. Се зависи од брзината на носење на ребалансот па исплатата може да се оддолжи за некој ден, зашто пленарната седница за ребалансот е закажана за 29 овој месец, односно за задутре, а пратениците имаат рок за расправа по него најмногу пет дена.

Повратот на данокот од „викенд без ДДВ“ може да задоцни, зашто ќе го чека ребалансот на буџетот. Како што најави Управата за јавни приходи, која во целина ја реализираше оваа мерка од четвртиот владин пакет антикризни мерки, платениот ДДВ граѓаните ќе го добијат на своите трансакциски сметки во рок од 15 дена од последниот ден на скенирање на фискалните сметки преку апликацијата МојДДВ. Тоа значи дека повратот би требало да се реализира на 1 ноември, зашто последен ден за скенирање беше 17 овој месец, со оглед на тоа што рокот беше ограничен на најмногу пет дена од денот на издавање на фискалната сметка.

Сега, кога се зависи од брзината на носење на ребалансот на буџетот исплатата може да се оддолжи за некој ден, зашто пленарната седница за ребалансот е закажана за 29 овој месец, а пратениците имаат рок за расправа по него најмногу пет дена. Потоа донесениот ребаланс треба да се објави во „Службен весник“. Ако пратениците не ги искористат петте дозволени дена за расправа, тогаш би можел да се фати законскиот рок за исплата на платениот данок од викендот без ДДВ.

Според податоците на УЈП на 10, 11 и 12 октомври, кога се реализираше викендот без ДДВ, домашни производи и услуги и компјутерска опрема пазареле вкупно 204.088 граѓани, кои скенирале фискални сметки во вредност од 558.176.715 денари, со што оствариле право на поврат на ДДВ од вкупно 66.853.929 денари, односно 1,1 милиони евра. Иако ова е големо потфрлување на проекциите на Владата која сметаше дека ќе треба да врати ДДВ од 17 милиони евра, од УПЈ оценуваат дека оваа мерка успешно е реализирана зашто во тој продолжен празничен викенд потрошувачката на домашни производи и компјутери се зголемила за 2,2 пати во однос на претходните викенди, се скенирале три пати повеќе фискални сметки и се остварил за 9,5 пати поголем промет од македонски производи.