Гренел со порака до Приштина: Нема помош од САД ако не ги укинете таксите

22

Специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, ги отфрли како неточни наводите дека САД ќе продолжат да ѝ даваат економска помош на Приштина ако во сила останат таксите, пренесува „Танјуг“.

Гренел го напишал тоа на „Твитер“ одговарајќи на пишувањата на директорот на „Газета експрес“, Берат Бузхал, кој ги пренесе на социјалните мрежи наводите на соработник на косовскиот премиер, Албин Курти.

„Соработниците на премиерот Курти соопштија: ‘Ричард Гренел потврди во телефонски разговор дека САД нема да престанат со испраќање економска помош во која било област во нашата земја’. Курти исто така рече дека двете страни се согласиле да ја продолжат соработката. Ова е спротивно на она што го кажуваат другите наводно цитирајќи го амбасадорот Гренел. Многу конфузија на локално ниво?“, праша директорот на „Газета експрес“.

Одговорот на Гренел е дека тоа не е точно и дека на Курти јасно му било ставено до знаење дека неговата одлука да ги задржи во сила таксите, макар и делумно, ќе ѝ наштети на економијата на Косово и дека САД нема непотребно да ја трошат својата помош ако косовското раководство продолжи да му штети на својот народ на тој начин.