Груби ги повика институциите да изречат казни за сликата без маски: Преземаме целосна одговорност

65

Спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин, вели првиот вицепремиер Груби во изјава за „360 степени”

Првиот вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во изјава за „360 степени“, вели дека заедно со функционерите и раководството на ДУИ преземаат целосна одговорност и ги повикуваат институциите да ги казнат за сликата без маски направена во новите простории на неговото министерство.

„Реакциите на јавноста за сликата без маски се оправдани, сметам дека згрешивме за миг и со нејзиното објавувањето се испраќа погрешна порака на сметка на потребата за носење лична заштита. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сè што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин“, вели Груби за „360 степени“.