Груби за 360°: Не сум повреден, ниту ја познавам личноста која го искрши автомобилот, ниту ги знам мотивите

56

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, за 360° потврди дека денеска пред Собранието бил искршен неговиот службен автомобил. Но, вели, ниту ја познава личноста која го направила тоа ниту му се познати мотивите.

„Точно е. Возилото е искршено од страна на В.Ј. (38 години), пред главниот влез на Собранието додека јас бев на пленарна седница за Законот за распределување на административците од К5 Програмата. Не сме повредени ниту јас ниту некој од мојата придружба. Не ја познавам личноста, ниту ги знам причините за нападот и очекувам МВР да го разјасни случајот“, вели Груби за 360°.

За инцидентот претходно се огласија и од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде посочија дека било искршено ветробранско стакло на автомобилот, а жената била приведена.

„Денес околу 12:00 часот пред Собрание на РСМ од страна на В. Ј. (38 години) било скршено предното ветробранско стакло од ПМВ Пасат сопственост на Влада на РСМ. Од страна на полициски службеници лицето е приведено во полициската станица во Центар. Се работи на расчистување на случајот“, рекоа од МВР.
Денеска Груби можеше да се забележи и на настанот во Владата кој се пренесуваше во живо по повод 100 дена од формирањето, а инцидентот се случил, како што вели тој, кога отишол на седница во Собранието.