Грција: Бесплатните тестови за Ковид-19 за домашна употреба достапни во аптеките

9

Бесплатните тестови за Ковид-19 за домашна употреба (т.н. селф тестови), се очекува од утре да бидат достапни во аптеките во поголемите грчки градови и од петок во целата земја, а во првата фаза ќе бидат наменети само за средношколците на возраст од 16 до 18 години и за нивните професори, јави дописничката на МИА од Атина.

Процесот на дистрибуција е во тек во 11.000 аптеки, според грчката новинска агенција АНА-МПА, секоја аптека ќе добие по 75 тестови, а попладнево се очекува да биде отворена специјалната платформа.

Дел од фармацевтите, говорејќи за грчките медиуми велат дека им стигнале пакувања од 25 тестови, а не по еден, што за нив значи дека ќе треба да ги отворат и да ги распределат во исто толку индивидуални пакувања.

„Селф тестовите“ , според грчката Влада се дополнителна алатка во борбата со Ковид-19 , но и дополнителна алатка во процесот на олабавување на рестрикциите, со оглед на тоа дека ќе бидат задолжителни за отворањето на училиштата, во првата фаза на повисоките класови од средните училишта.

Учениците и просветните работници, задолжително ќе треба секоја седмица да се тестираат со домашните тестови, 24 до 48 часа пред почетокот на наставата.