Грција воведува „Кошничка за Божиќ и „Кошничка на Дедо Мраз“ со празнични производи и играчки чии цени треба да останат прифатливи

5

По примерот на „Кошничката на домаќинствата“ во супермаркетите во Грција со основните прехранбени продукти чија цена треба да остане иста и прифатлива или да има минимално зголемување, воведена минатиот месец, сега, за празничниот период се воведуваат уште две кошнички, едната божиќна со производи поврзани со празниците, другата „на Дедо Мраз“ со играчки.

Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис денеска ги презентираше новите „кошнички“, кои ќе важат за периодот од 14 декември 2022 година до 4 јануари 2023 година, односно за периодот на божиќните и новогодишните празници.

Тој објасни дека на веќе постоечката кошничка во супермаркетите со пониски цени, ќе се додадат прехранбените производи поврзани со празничната трпеза, додека пак во соработка со здруженијата на производители и трговци со играчки се воведува „Кошничка на Дедо Мраз“.

Предвидено е да содржи десет различни категории играчки чија цена ќе треба да се задржи на ниско ниво.

– Сите продавници за играчки ќе треба да имаат „кошничка на Дедо Мраз“ во која ќе има барем по еден производ од секоја категорија. Повеќето синџири продавници ни рекоа дека ќе вклучат многу повеќе од еден производ, а кошничката ќе биде исклучително богата и празнична, рече Георгиадис.