Грција: Мицотакис отвора можност за задолжителна вакцинација на здравствените работници

9

Верувам дека подоцна, во неутрално време, наесен треба да се отвори дискусија за задолжителна вакцинација на здравствените работници, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијаta „Стар“, јави МИА од Атина.

Грчкиот премиер објасни дека во оваа фаза не сака да создава „извори на тензии во болниците“, но во септември ќе мора прашањето одново да се разгледа од друга перспектива, кога нема да биде толку голем притисокот врз здравствениот систем.

„Мора апсолутно јасно да ставиме до знаење дека не може да бидеш здравствен работник, да имаш света мисија да се грижиш за нашите сограѓани кои се болни, а ти самиот да не бидеш заштитен и со тоа што не се заштитуваш самиот си во опасност, но и си во опасност да го шириш вирусот во простор што е наменет за здравствени услуги. Така што, мислам дека треба да се отвори дискусија. Не сакам да се отвори сега, но верувам дека во неутрално време, наесен, мора ова прашање повторно да го разгледаме од почеток“, истакна Мицотакис и упати апел до постарите граѓани да се вакцинираат што е можно побргу.

Според грчките медиуми, вакцинирани се 70 отсто од лекарите, меѓутоа 50 отсто здравствени работници, односно еден од двајца болничари, медицински сестри и останат персонал во болниците, одбиле да ја примат вакцината.

Мицотакис во интервјуто за „Стар“, уште еднаш, категорично ја отфрли можноста за предвремени избори, објаснувајќи дека неговата одлука е да го исцрпи четиригодишниот мандат што во јули 2019 година го доби од граѓаните.