Грција од септември ги удвојува субвенциите за граѓаните и компаниите

1

Грција во септември ќе ги удвои субвенциите за електрична енергија за домаќинствата и малите и средните претпријатија, на вкупно 1,9 милијарди евра, рече министерот за енергетика, проширувајќи ја финансиската заштита од скоковите на цените.

Сметките за струја нагло пораснаа во Грција, како и во многу други земји од ЕУ, поттикнати од зголемените цени на гасот поради руската војна во Украина и европските санкции против Русија, кои го загрозија снабдувањето со овој енергенс.

„Актуелната војна (во Украина) драматично ја влошува енергетската криза“, рече министерот за енергетика Костас Скрекас во изјави за телевизиските станици. Од септември минатата година Атина потроши околу осум милијарди евра за субвенции за струја и други мерки, настојувајќи да им помогне на домаќинствата, бизнисите и земјоделците со сметките за струја и гас.

Во септември субвенциите што ќе бидат вклучени во сметките за струја ќе изнесуваат околу 1,9 милијарди евра и ќе апсорбираат до 94 отсто од зголемувањето на месечните сметки за струја за домаќинствата и 89 отсто од зголемувањето за малите и средните претпријатија, најави Скрекас.

Субвенциите ќе изнесуваат 639 евра за мегаватчас за домаќинствата, наспроти 337 евра во август, рече тој. Грција воведе ограничување на цените за производителите на електрична енергија, барајќи цените да ги одразуваат реалните трошоци за производство и де факто укинувајќи ги доплатите на сметките за електрична енергија, забележува Ројтерс.