Грција размислува за „здравствени пасоши“ за туристите летово

Грција може да почне да прима туристи уште летово, откако грчкиот министер за туризам Харис Теохарис најави дека земјата треба да се подготви за туристичката сезона, која би почнала во јули.

19

Грција успеа да го задржи на ниско ниво бројот на заразени од коронавирус на 2.245 потврдени случаи и 120 починати.

Теохарис вели дека сезоната ќе биде скратена и ќе трае три месеци, од јули до септември, со можност за продолжување во октомври и ноември. Во интервју за грчката телевизија „Скај“, тој кажа: „Како поминува времето, побарувачката ќе почне да расте, бидејќи и довербата ќе почне да расте. Откажувањата веќе престанаа“.

Тој додаде дека ќе зборува со туристичките оператори неделава да види како може да се спроведат мерки за здравствена заштита. Според него, Грција размислува за издавање „здравствени пасоши“, со кои туристите ќе се тестираат за коронавирус на аеродромите пред да се качат на лет за Грција.

Теохарис вели дека засега тоа се само дискусии, но дека тие притискаат сите во ЕУ да седнат и да разговараат. Тој вели дека сè уште има многу работа да се дојде до најреалниот начин да се прават тестови, кои мора да бидат кредибилни и да не одземаат многу време.