Грција регистрира шест заразени со колумбискиот сој на коронавирусот

31

Грчката служба за јавно здравје (ЕОДИ) денеска потврди дека открила шест случаи заразени со колумбискиот сој на коронавирус, кој внимателно се следи од Светската здравствена организација (СЗО), за да се открие дали може да ја заобиколи заштитата што ја обезбедуваат вакцините против ковид.

ЕОДИ објави дека два случаи се откриени на аеродромот во Атина, два во Арголида на северен Пелопонез и по еден во Атина и Ахаја, исто така на Пелопонез, пишува „Катимерини“.

Високозаразниот делта-сој и натаму е доминантен и предизвикува најголема загриженост, бидејќи процентот на заразеност со мутираниот коронавирус со потекло од Индија сега изнесува 96,7 проценти, во споредба со 23,6 проценти од почетокот на годината.

Учеството на алфа (британскиот) сој падна во првата половина на август од 58,3 проценти на 2,4 проценти, велат од ЕОДИ.

Во однос на новите случаи на ковид-19, Националната организација за јавно здравје на Грција денеска соопшти дека има 2 840 новозаразени, починале 33 лица, а 362 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници.

Новиот сој, кој го доби името по 12 -та буква од грчката азбука (Му), се појави во Колумбија во јануари и регистриран е во 39 земји.