Гутереш: Да се запре епидемијата на пучеви

3

Шефот на ОН, Антонио Гутереш, вчера, пред дискусијата за воениот удар во Судан, ја критикуваше, како што рече, „епидемијата на пучеви“ и го повика Советот за безбедност ефикасно да дејствува за да ги спречи.

„Суданскиот народ многу јасно ја изрази својата желба за реформи и демократија“, рече генералниот секретар, повторно осудувајќи ја суданската армија, која во понеделникот ја презеде власта во земјата и ги повика сите страни да покажат „максимална воздржаност“.

Суданскиот генерал Абдел Фатах ал Бурхан вчера го бранеше преземањето на власта, велејќи дека ја соборил владата на премиерот Абдула Хамдок за да избегне граѓанска војна. Тоа е последниот во серијата воени удари, вклучително и оние во Мјанмар, Мали и Гвинеја и обидите за државен удар во неколку други држави. Советот за безбедност, кој може да воведе санкции или да одобри воена акција, е поделен околу пристапот до многуте конфликти со САД и другите западни членки што се во судир со Русија и Кина. Гутереш укажа на силни геополитички поделби, на „тешкотиите на Советот за безбедност да преземе силни активности“ и на економското и социјалното влијание на пандемијата како причини за создавање „средина во која воените лидери се чувствуваат неказниво, можат да прават што сакаат бидејќи ништо нема да им се случи“.

„Очигледно, мојот апел е упатен до големите сили да се обединат за да го обединат Советот за безбедност за да имаме ефективно одвраќање од оваа епидемија на државни удари“, рече Гутереш.

„Јасно е дека денес нема ефективно одвраќање.“

Советот издаде соопштенија во кои изразува загриженост за ситуацијата во Мјанмар и го осудува воениот удар во Мали.