Дачиќ: Во акцијата Армагедон уапсени седум педофили, во становите пронајден детски порнографски материјал

5

Потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години, јави дописникот од Белград.

-Во големата акција ’Армагедон‘ беа уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија. При претресот на становите, преку увид во компјутерите беа пронајдени фотографии и видео записи кои се резултат на сексуална експлоатација на децата, во најголем број случаи на возраст од шест до десет години, но и на возраст под две години, изјави Дачиќ.

Исто така, беа пронајдени пораки преку кои осомничените сексуално злоупотребувале деца и малолетни лица, односно барале од нив да испратат слики и видеа на кои се голи, изјави министерот Дачиќ.

Вишото јавно обвинителство во Белград, Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал во соработка со полициски службеници на Дирекцијата за техника, Службата за борба против високотехнолошки криминал и полициски службеници од полициските одделенија Смедерево, Пирот, Шабац, Лесковац, Тутин, Врање и Бор успешно ја спроведоа акцијата „Армагедон“ при што беа уапсени седум лица од територијата на Република Србија.

Уапсени се М.Ц. (1958) од Шабац, Н.Б. (2000) од Пирот, П.С. (1999) од Лесковац, М.А. (1980) од Тутин, П.Д. (2000) од Смедерево, Л.Л. (1995) од Врање, и М.М. (1993) од Неготин.

На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и во законскиот рок со кривична пријава ќе бидат изведени пред Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград.