Дачиќ: Србија има целосно право да биде воено неутрална

2

Претседателот на собранието на Србија Ивица Дачиќ изјави денес дека Србија има целосно право во конфликтот на Русија и Украина да ја истакне својата воено-неутрална позиција.

Според него, Србија активно работи на постигнување на мировно и дипломатско решение, бидејќи и самата ги искусила воените страдања за време на НАТО бомбардирањето.

„Нашето определување за воена неутралност се покажува и во овој момент како оптимален избор за нашите национални интереси, во момент на голема дестабилизација и воени активности на територијата на Украина“, кажа Дачиќ.

Српското собрание наведе дека Дачиќ зборувал за Стратегијата на одбраната и Стратегијата на националната безбедност донесени во парламентот во 2019 година, со кои Србија се става во позиција на воена неутралност.

„Со овие документи Република Србија на највисоко ниво ги потврди своите долгорочни национални и државни интереси и начините на кои тие треба да бидат заштитени, а тоа пред сè се однесува на зачувувањето на нашиот државен суверенитет и територијалниот интегритет“, наведе тој.

Дачиќ истакна дека политиката на воена неутралност се покажала како „оптимален избор за остварување на националните интереси“ и дека „тој концепт безброј пати наишол на почитување и уважување од страна на највлијателните меѓународни фактори“.