Денеска сте министер, утре обичен работник – порача синдикалецот Димовски на денешниот штрајк

3

Протестот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за линеарно зголемување на платите на работниците во јавниот сектор за 2.806 денари од 1 јули и враќање на регресот за годишен одмор од 30 до 100 отсто продолжи денеска пред Министерството за информатичко општество и администрација во Скопје.

„Го повикуваме министерот за информатичко општество и технологија, кој е дел и беше дел од преговарачкиот тим, доколку навистина се стремат за нова методологија, за реформи во администрацијата, за нов закон за плати за административните работници, нека повели. Ние сме пред неговото Министерство, нека ни ги покаже, нека ни ги достави, доколку навистина има искрени намери и не се купува време. Во спротивно, го чека жешкото работничко столче. Денеска е министер, утре ќе стане обичен работник како нас. Затоа апелирам до сите од централната и од локалната власт, да излезат и да им ги зголемат платите на работниците во ова тешко време, со двоцифрена инфлација и секаков вид на кризи“, порача првиот човек на ССМ, Димовски.

Од утре ССМ, како што најави Димовски, ќе почне да дејствува и на централно ниво.

„Притисокот што го правиме вродува со плод и одредени директори на јавни претпријатија основани од државата, не можејќи да го издржат, почнаа да си поднесуваат оставки“, нагласи Димовски.

Сојузот на синдикати на Македонија утре ќе биде во посета на Гостивар и на Струмица. Со градоначалникот на Гостивар во 12 часот, како што рече Димовски, ќе се потпише Колективен договор за усогласување на платите за 2.806 денари, а во 15:30 часот во Струмица ќе се потпише Спогодба за зголемување на платите за 2.806 денари со трите јавни комунални претпријатија, но и Колективен договор со градоначалникот на Општината за зголемување на платите за 2.806 денари.

Димовски изрази задоволство бидејќи штрајкот дава резултати, но, истовремено изрази жалење дека тоа е случај само на локално ниво, поточно кај претпријатијата кои се основани од општините.

„Апелирам власта да го следи примерот, да не се крие. Ние ги следиме чекорите што ги прави власта и можеме да кажеме дека, за жал, ништо во моментот не се прави за работникот, освен што се уназади едно работничко право и недела неработен ден во туристичките места стана работен. Но, ние работниците памтиме и ќе вратиме“, порача Димовски.

С.Д.