Денеска треба да продолжи судењето за Меѓународен сојуз на Боки-13

11

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржи судско рочиште за предметот кој се однесува на невладината организација Меѓународен сојуз – Скопје, на Бојан Јовановски – Боки 13. Ако не дојде до ново одложување, обвинетите Бојан Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, Фросина Ременски, асистентката на Боки Христина Блажевска и таткото на Боки Миле Јовановски треба да се произнесат за вина. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

На првото рочиште одржано на 1 јули Јовановски и Ременски побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска од овој предмет. За ова барање денеска треба да се произнесе републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Судскиот процес го води судечки совет составен од двајца поротници и судијката Софче Гаврилова-Ефремова која беше втора судијка и во случајот „Рекет“.

Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, едниот сума од 719.905, а другиот 233.821 евра. За Јовановски ова се небулозни тврдења на обвинителството и уште еден конструиран случај.

Во случајот „Рекет“ Боки-13 е осуден на девет години затвор за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување.