Дешамп: Не верувам дека Погба намерно се допингувал

3

Селекторот на француската фудбалска репрезентација Дидие Дешамп изјави денеска оти не верува дека Пол Погба намерно се допингувал.

„Во ниту еден момент не можам да замислам дека Пол имал намера и желба да се допингува. Добро го познавам, знам дека тоа воопшто не е во неговиот ментален склоп. Е сега, тука се фактите и тоа што го открија двата земени примероци. Присуството на недозволен хормон е неоспорно“, рече Дешамп.

На играчот за врска на француската репрезентација и на Јувентус вчера му беше изречена четиригодишна суспензија, откако и вториот допинг тест беше позитивен.

Погба беше суспендиран во септември лани кога тестот на италијанската национална антидопинг организација откри присуство во неговата крв на тестостерон, кој ја зголемува издржливоста на спортистите.

Францускиот фудбалер беше тестиран по гостувањето на Јувентус во Удине, кога Погба го гледаше дуелот против Удинезе од клупата за резервни играчи.

Откако допинг тестот на Пол Погба на 20 август беше позитивен, исто така, и Б примерокот во октомври покажа дека францускиот репрезентативец и фудбалер на Јувентус користел недозволени средства

Погба, кој со Франција ја освои светската титула на Мундијалот во Русија, најави жалба до Арбитражниот спортски суд во Лозана.