Димитров бара разрешување на Мизрахи поради непочитување на „Северна“

4

Шефот на дипломатијата Никола Димитров реагира за начинот на кој техничката министерка за труд, Рашела Мизрахи, ги држи прес конференциите, пред табла на која го пишува старото уставно име, односно Република Македонија. Бара премиерот Оливер Спасовски да ја разреши од функцијата. Димитров ја обвинува Мизрахи дека со отстранетата табла ги прекршила Уставот и Преспанскиот договор, создавајќи проблеми за членоството во НАТО и датумот за преговори во Европската Унија. Пред два дена во МНР добиле и вербална нота од Грција

„Мислам дека ќе биде премногу од министерката Мизрахи да очекуваме да го разбере историското значење на Преспанскиот договор за афирмација на македонскиот идентитет, за заокружување на државноста во Обединетите Нации, за зачленувањето во НАТО и за започнувањето на пристапни преговори со Еврпската Унија. Таа е должна да ја разбере сопствената заклетва потпишана во Собранието и сопствената функција – Министер за труд и социјална политика во една техничка влада. И секако, да разбере што значи Устав на една држава“, рече Димитров.

За државата да биде поблиску до Европската Унија, треба да се почитува Уставот, додава Димитров.

„Еве да го тргнеме на страна и Договорот од Преспа. Наш интерес е, независно дали има или нема реакција од Грција да го почитуваме сопствениот Устав. Си има процедура како може да се смени уставот потребни се најмалку 80 пратеници, ако таква е политичката агенда на опозицијата, тогаш треба натаму да се насочат…“, додава Димитров.

Освен Димитров и владејачката партија ја обвини Мизрахи. Според СДСМ, техничката министерка исполнува нарачки од експремиерот Никола Груевски и лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски.