Дисциплински мерки за вработени во општинската администрација на Кочани

15

Кочани, 10 октомври  Локалната самоуправа на Кочани презема дисциплински мерки против неколкумина вработени во општинската администрација поради неетичко и политичко дејствување во просториите на Општината.

Во средата попладне во општинската зграда биле поставени плакати со повик за учество на политичка трибина, по што одговорните веднаш реагирале и преку снимки од видеонадзорот ги откриле сторителите. Против нив, согласно законските прописи, од Одделението за човечки ресурси се преземаат соодветни мерки.

– Раководството на Општина Кочани се оградува од вакви дејствија, го осудува секое партиско и неетичко дејствувањеи ќе побара целосна одговорност за сторениот дисциплински престап од овие вработени, меѓу кои се и високи раководни службеници. Жалиме што личности кои треба да бидат столбот во работењето на Општината, не можат да се ослободат од партиските матрици. Ова е уште еден пример за истакнување и наметнување на нивната политичката определба со што ја уриваат довербата на граѓаните во работата на институциите на јавниот сектор. На такви лица, кои не се во функција на развојот на Општината, не им е местото во тимот на ова општинско раководство, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Илијев додаде дека вработени во општинската администрација ги фотографирале политичките плакати и ги испратиле на социјалните мрежи и до одредени интернет портали, за што исто така се преземаат санкции.